Лекар на Вашето семејство

Бул. Партизански Одреди 25-1/1

+38923125299

Ендо-реставративна стоматологија

Ендо-реставративна стоматологија или ендо-реставратива во себе опфаќа два елементи, односно, две проблематики

Ендодонцијата претставува стоматолошка наука која го опфаќа лекувањето на болестите кои настануваат во забното ткиво т.е. забот.Забите се составени од два дела: коронка (делот од забот видлив во усната празнина) и корен (делот кој се наоѓа во коската и видлив само на рентген снимки).Во внатрешноста на забот се наоѓа пулпата или позната меѓу сите како живец.Ендодонт е стоматолог кој специјализира во лекување на инфекциите на пулпата (пулпити) и коскените промени околу врвот на коренот (процеси).

Еден ендодонтски третман се состои од пронаоѓање, проширување, дезинфекција и полнење на коренските канали кои можат да бидат со најразлична форма и ширина.Ако некогаш биле потребни повеќе посети да се изврши овој комплексен третман на лекување, сега со користење на современа апаратура како ендомотор, машински проширувачи, ултразвучни апарати итн. сето тоа се завршува во една или две посети зависно од степенот на инфекцијата.Во денешно време постојат многу фирми кои произведуваат машински проширувачи како што се, MANI SILK, изработени од топлотно обработуван никел титаниум кој е доволно цврст и свитлив да може да се користи во обработка на сите видови коренски канали.

Многу често пациентите се одлучуваат за вадење на забите кои подлегнале на ваков тип на инфекција, поради немање време за спроведување на долг третман, лоша препорака или страв дека ендодонтски лекуваните заби може да го нарушат нивното општо здравје.Постојат многу клинички студии кои го докажуваат спротивното, односно дека, инфекцијата и болката исчезнува после коректно изведена ендодонтска терапија.Со правилно поставена дијагноза и извршување на квалитетен ендодонтски третман секоја инфекција која потекнува од забот ќе биде санирана.

Ендодонтскиот третман секогаш е приоритет во стоматологијата наспроти екстракцијата (вадење) на забот која доведува до нарушување на целокупната функционалност на забалото која во тој случај мора да биде санирана протетски (со изработка на мост вклучувајки ги соседните заби) или со поставување на имплант.Покрај сите достигнувања во орално-протетскиот сегмент од стоматологијата зачувувањето на природниот заб секогаш претставува најдобриот избор.

После завршување на ендодонтската терапија следува запечатување на влезовите на коренските канали и пополнување на делот од коронката кој беше отстранет при чистењето на кариесот.

Реставрација или реставративна стоматологија, се занимава со надополнување на изгубениот дел од забот (пломбирање на забот). Благодарение на современите материјали денес може да постигнеме висока естетика како и одлична функционалност која наликува на природниот заб. Тоа се должи на последната генерација на нано-композитни материјали и адхезивни системи кои се одговорни за квалитетот и истрајноста на овие изработки.Тие исто така нудат можност за замена на поголем губиток на забна субстанца без нарушување на природниот изглед на забот.

Ендодореставративниот третман претставува бенефит за пациентот како од физиолошки така и од економски аспект што всушност е нашата цел.